30.08.2025 Скопје
Франција и Германија се подготвени да започнат разговори за улогата на француското нуклеарно одвраќање во европската безбедност, исто така постигнаа договор за посилна енергетска соработка и ја повикаа ЕУ да ја преиспита законската рамка и финансиските давачки, беше објавено по француско-германскиот совет за одбрана што се одржа во Тулон.
Во заедничкиот документ на Советот за одбрана и безбедност на двете земји се наведува дека „Франција и Германија нагласуваат дека независните стратешки нуклеарни сили на Франција значително придонесуваат за целокупната безбедност на Алијансата“ и се додава дека „ќе биде започнат стратешки дијалог, предводен од Канцеларијата на францускиот претседател и Канцеларијата на германскиот канцелар“.
Париз и Берлин, исто така, објавија нова заедничка иницијатива за развој на европски систем за рано предупредување за ракетни закани, базиран на проектот „Одиновото око“ и мрежа од копнени радари.
Во декларацијата, усвоена на заедничкиот состанок на француската и германската влада во Тулон, јужна Франција, се наведува дека француско-германската иницијатива, наречена „Скапоцен камен“, која ќе биде отворена за партнери, ќе биде формализирана со писмо за намери.
На истиот состанок, двете земји постигнаа договор и за посилна енергетска соработка и усогласување на ставовите за законите на ЕУ за климатските промени.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц изразија политичка поддршка за изградба на нова прекугранична преносна мрежа, како и за проектот „Југозападна мрежа за гас и водород“ што ќе ги поврзе Португалија, Шпанија, Франција и Германија.
Според соопштението од состанокот, новиот договор има за цел „да ги надмине политичките разлики и да започне заеднички иницијативи што можат да послужат како модел за поширока соработка во рамките на Европската Унија“.
Во заклучоците на советот, Франција и Германија, меѓу другото, повикаа на олеснување на регулативите на Европската Унија за загадувањето и хемиската безбедност со цел да се зајакне конкурентноста на европската индустрија.
Двајцата лидери поддржаа преглед на регулаторната рамка на ЕУ за хемикалии со фокус на „намалување на административните оптоварувања и поедноставување на процедурите“. Париз и Берлин, исто така, повикаа на ублажување на финансиските притисоци со кои се соочува хемиската индустрија во Европа, а особено се спротивставија на неодамна усвоените правила за третман на урбани отпадни води.
Правилата би им овозможиле на производителите на козметика и фармацевтски производи да го преземат лавовскиот дел од трошоците за отстранување на микрозагадувачите од отпадните води почнувајќи од крајот на 2028 година. Заедничката изјава на двете најголеми економии на ЕУ испраќа силен сигнал до Брисел да продолжи со своите иницијативи за намалување на бирократијата.
„За да се ослободи целосниот потенцијал на растот и продуктивноста на нашите компании, итно е потребно значително да се поедностави регулаторната средина на ЕУ“, се наведува во документот. Макрон и Мерц, исто така, го повторија својот повик за подобри правила што би го олесниле рециклирањето и повторната употреба на критични суровини, бидејќи земјите од ЕУ се стремат да ја намалат својата зависност од кинеските минерали кои се клучни за одбранбената индустрија и енергетската транзиција. Мерц се сретна со Макрон во четврток, пред заедничката седница на германската и француската влада во Тулон, на Азурниот Брег, првата заедничка седница на двете влади по промената на владата во Германија.
Подготвено од М.Д.