Liquified-Natural-Gas

27.08.2025 Скопје

Европа се подготвува за зимската сезона со намалени количини на природен гас од Русија по прекинот на транзитот низ Украина. Во моментов, единствената рута за рускиот гасовод е преку „Турски тек“ и територијата на Бугарија.

Во оваа позадина, пазарите внимателно ги следеа средбите на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин, а потоа и со украинскиот Володимир Зеленски. На почетокот имаше надежи дека војната во Украина се ближи кон крајот, што ја донесе цената на гасот на холандската берза TTF на најниско ниво од почетокот на април 2024-та година. Но, изјавите што доаѓаа од Москва во последните денови беа разочарувачки и по краткото намалување на цената, цената на гасот на холандската берза TTF се зголеми за 8% на крајот од минатата недела.

Сега тргувањето се смири на ниво од околу 33 евра за мегават-час, што беше цената пред средбите на претседателите. Една од причините е добрата брзина со која се полнат капацитетите за складирање гас во Европа. Според „Gas Infrastructure Europe“, европските складишта за гас се полни до 75,6% од нивниот капацитет.

Според европската регулатива, земјите од ЕУ мора да ги дочекаат зимските месеци (до 1-ви ноември) со складишта за гас полни до 90% од нивниот капацитет. Сепак, поради повисоките цени оваа година, правилата се пофлексибилни и Европската комисија веројатно нема да биде толку строга во почитувањето на регулативата.

Сепак, Украина носи одредена неизвесност. Русија и Украина разменуваат напади врз енергетските капацитети, предизвикувајќи сериозни штети. Во последните денови, гасните капацитети во Украина беа под оган, што влијаеше на дел од Трансбалканскиот гасовод, преку кој Украина има намера да купува гас од Азербејџан. Украина, пак, нападна бројни рафинерии и затвори најмалку четири клучни во јужните делови на Русија. Рафинеријата Новошахтинск (во Ростовскиот регион) исто така гори петти ден откако беше погодена од беспилотни летала неколку последователни вечери.

Во ноќта на 24-ти август, беше погоден и терминал за гасен кондензат во пристаништето Уст-Луга. Украинските беспилотни летала, исто така, ги запреа испораките на руска нафта преку нафтоводот Дружба, што ја иритираше Унгарија и двете земји разменија остри забелешки.

Во Русија има сериозен недостиг на бензин и рекордни цени на берзите, кои постепено почнуваат да се пренесуваат на бензинските пумпи.

За време на средбата со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе (вчера), Володимир Зеленски доби уверенија дека Норвешка ќе ја поддржи земјата со снабдување со природен гас во вредност од 1 милијарда долари.

Податоците покажуваат дека капацитетите за складирање на гас во Украина се полни до 20,5% од нивниот капацитет, но земјата всушност има огромен капацитет за складирање – над 33 милијарди кубни метри, што за време на војната ја надминува годишната потрошувачка на природен гас.

За време на заедничката прес-конференција со норвешкиот премиер, Зеленски истакна дека оваа недела се очекуваат уште неколку состаноци на различни нивоа за да се разјаснат гаранциите за безбедноста на Украина, кои потоа ќе бидат презентирани на Русија. На крајот од неделата се очекува средба и со претставници на Белата куќа, кои се обидуваат да организираат средба меѓу Зеленски и Владимир Путин.

Сепак, во оваа фаза веројатноста за таква средба изгледа доста мала.

Американскиот претседател ѝ се закани на Москва со санкции врз нафтениот сектор. Ова, пак, би можело да има влијание врз пазарите на нафта.

Подготвено од М.Д.

About Author