11.08.2025 Скопје
Секојдневно се среќаваме со овие хемикалии, тие се наоѓаат во тефлонски тави, водоотпорна облека и обувки, пакувања за храна (особено отпорни на маснотии, како кутии за пица или кесички за пуканки), пена за гаснење пожар, одредена козметика (прав, маскари, креми), индустриски лубриканти и бои.
Можната забрана од страна на Европската унија ја загрижи индустријата, која предупредува на големи загуби, прекини во синџирите на снабдување и зголемување на цените за крајните потрошувачи доколку овие мерки стапат во сила.
Холандија, Данска, Германија, Норвешка и Шведска предложија целосна забрана за сите PFAS хемикалии минатата година, а Европската комисија чека научна проценка што треба да биде завршена следната година.
Само тогаш би можел да пристигне конкретен предлог и тоа би можело да значи целосна забрана за PFAS за производи за широка потрошувачка, додека индустријата би добила исклучоци доколку нема алтернативи.
Покрај тоа, планиран е европски систем за следење на загадувањето со PFAS хемикалии, како и чистење на веќе контаминирани места, што треба да го плати компанијата што го загадува, или државата од јавни средства доколку не можат да се пронајдат одговорните.
Германските министри за економија од неколку федерални држави отворено се противат на целосна забрана на „вечните хемикалии“. Тие тврдат дека ова би значело затворање на цели сектори и еден вид програма за деиндустријализација во Европа.
Покрај губењето на работни места, тие предупредуваат и на последици за синџирите на снабдување, зголемување на трошоците и намалување на инвестициите.
Критичарите од индустријата велат дека објавените правила веќе создаваат неизвесност во планирањето и забавуваат иновации, што би можело да ја ослабне долгорочната конкурентност на европската хемиска и преработувачка индустрија во однос на САД и Азија.
PFAS хемикалиите се голема група вештачки произведени соединенија кои се разградуваат многу бавно по природа, па затоа се нарекуваат и „вечни хемикалии“. Тие беа развиени во средината на 20 век поради нивната отпорност на вода, маснотии и високи температури.
Овие хемикалии можат да навлезат во вода, почва и храна, а долготрајната изложеност е поврзана со зголемен ризик од одредени болести, вклучувајќи проблеми со црниот дроб, имунолошкиот систем и хормонски проблеми.
Подготвено од М.Д.