EES

26.08.2025 Скопје

По неколкукратно одложување на воведувањето на системот за влез и излез на ЕУ – ЕЕС (Entry/Exit System – EES), Европската Унија има намера во октомври конечно да го лансира својот нов дигитален систем за контрола на границите.

Идејата датира одамна, а почетокот првично беше планиран за 2022 година, но процесот не е едноставен, особено ако се има предвид интегрирањето, но и поединечното дејствување на секоја од земјите членки, па воведувањето на ЕЕС се одолжува сė додека државите не бидат целосно подготвени за координиран старт. Последното одложување беше минатата година.

Европскиот систем за влез/излез требаше да профункционира во ноември 2024 година, но уште еднаш беше одложен бидејќи некои земји членки предупредија дека не се подготвени за лансирање. ЕЕС сега конечно треба да стапи во сила на 12 октомври, а ќе се воведува постепено во период од шест месеци, односно до 10 април 2026 година.

Една од причините за ваквата одлука е дека комплетно координирано лансирање може да претставува ризик за ИТ-инфраструктурата што го поддржува системот. Затоа, европските земји постепено ќе го воведат системот на своите надворешни граници.

Постепената имплементација им овозможува на земјите што се подготвени и претпочитаат веднаш да го воведат ЕЕС – да го сторат тоа, а истовремено на другите им остава простор комплетно да се подготват за ваквото гранично управување.

Прогресивниот почеток на ЕЕС значи дека земјата што го имплементира системот ќе има цел да го користи на минимум 10 проценти од граничните премини во текот на првиот месец. Во првите два месеца земјите можат да го користат ЕЕС без биометриски функционалности. Според планот, по три месеци се очекува земјите да го користат ЕЕС со биометриски функционалности на минимум 35 проценти од нивните гранични премини. До крајот на шестмесечниот период по лансирањето на ЕЕС, земјите треба да постигнат целосна регистрација на сите лица што влегуваат и излегуваат на сите гранични премини. За време на транзицискиот период ќе продолжи рачното печатирање на патните документи.

Главната цел на воведувањето на електронскиот систем за влез и излез на ЕУ е да се промени и олесни начинот на кој Унијата се справува со влезот на стотици милиони луѓе што ја посетуваат секоја година. Крајната цел е ЕЕС комплетно да го замени рачното печатирање на пасошите со автоматска регистрација за повеќето патници што не се од ЕУ и лесно да контролира колку време тие престојуваат во шенген-зоната.

„Системот за електронска безбедност (ЕЕС) ќе го модернизира и подобри управувањето со надворешните граници. Со прецизно следење на податоците ќе помогне во спречувањето на нерегуларната имиграција, идентификувањето на лицата што го пречекориле дозволениот престој и намалувањето на измамите со идентитетот. Внатрешната безбедност ќе се подобри преку пристап во реално време до сигурни информации, овозможувајќи им на надлежните национални власти брзо да идентификуваат лица што претставуваат закана за безбедноста. Дополнително, со зголемената употреба на автоматизирани гранични проверки, патувањето ќе стане полесно и побезбедно за сите“, пишува на официјалната интернет-страница на Европската Унија.

Европските власти посочуваат дека ЕЕС ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците остануваат заштитени и безбедни.

Подготвено од М.Д.

About Author