27.08.2025 Скопје
Обединетите нации денес алармираа дека повеќе од две милијарди луѓе на глобално ниво сè уште немаат пристап до сигурна вода за пиење, што доведува до ризик од болести за милијарди луѓе.
Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, во заедничко истражување, опоменуваат дека светот е далеку од реализација на целта до 2030 година – секој човек да има пристап до вода за пиење. Исто така, се наведува дека изминатата година повеќе од 100 милиони луѓе сè уште се потпирале на вода од површински извори, како што се реките, езерата и каналите.
„Водата, санитарните услови и хигиената не се привилегии: тие се основни човекови права. Треба да забрзаме дејствувањето, особено за најмаргинализираните заедници“, изјави директорот на одделението за животна средина во СЗО, Рудигер Крех.
Во истражувањето се анализирани петте нивоа на услуги за вода за пиење. Безбедното управување со водата, највисокото ниво, се дефинира како вода што е достапна во домаќинството, достапна кога е потребна и без фекална или хемиска контаминација. Четирите пониски нивоа се: основна (подобрена вода до која може да се стигне за помалку од 30 минути), ограничена (подобрена, но со подолго време на пристап), неподобрена (на пример вода од незаштитен бунар или извор) и површински води.
„Кога децата немаат пристап до безбедна вода, санитарни услови и хигиена, нивното здравје, образование и иднина се во опасност”, предупреди директорката на УНИЦЕФ. „Овие нееднаквости се особено изразени кај девојчињата, кои често го носат товарот на собирање вода и се соочуваат со дополнителни бариери за време на менструацијата. Со сегашното темпо, перспективата за безбедна вода и санитарни услови за секое дете е сè понеостварлива цел”, рече Сесилија Шарп.
Во 2024 година, 89 земји имале универзален пристап до основна вода за пиење, од кои 31 имаат универзален пристап до безбедно управувани услуги. Додека, 28 држави, од кои најголемиот број во Африка, немаат основни услуги.
Подготвено од М.Д.