construction-site-gcbf59d8b0_192

15.08.2025 Скопје

Управата за јавни приходи ќе ги чешла градежните компании. Даночните инспектори ќе влегуваат во секоја компанија и ќе ги проверуваат продажбата на станови во готово, реалната вредност на објектите, пријавените приходи… УЈП го идентификува градежниот сектор како многу ризичен, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово.

Градежните експерти ја поздравуваат акцијата на УЈП и сметаат дека треба да ѝ се стави крај на градежната мафија во државава. Тие посочуваат дека преку градежниот сектор најлесно се легализираат црните пари и дека во државава постојат многу инвеститори што еднаш ќе се појават на пазарот, а потоа ги нема.

Градежните експерти апелираат до граѓаните да внимаваат кај кој инвеститор купуваат стан. Дали има градежна фирма, дали претходно има градено, дали има искуство во градежништвото, дали има извадено имотен лист за претходните објекти… Тие посочуваат дека најчесто инвеститорите, односно фирмите што градат еднократно, потоа не го почитуваат гарантниот рок за поправка на градбата, кој изнесува две години.

Инспекторите од УЈП ќе ги проверуваат продажбата на објекти по истекувањето пет години од нивната изградба, договорите со нереално ниска продажна вредност, непријавените вработувања и ангажмани, разликите меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавањето фактури без прибелешки во јавните книги, како и неправилната примена на механизмот за пренос на даночна обврска.

Од Управата информираат дека овој пристап имаат цел да го поттикнат одговорното однесување на даночните обврзници од градежниот сектор и да се создадат услови за доброволна усогласеност, што е во интерес и на обврзниците и на јавните финансии.

Оттаму потсетуваат дека согласно со важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5 %. По истекувањето пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивање на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците, кои претходно го одбиле.

Управата за јавни приходи достави 318 персонализирани известувања до целните даночни обврзници од градежниот сектор, со кои ги повика да извршат корекција на одбивањето на влезниот данок на додадена вредност (ДДВ) во вакви случаи.

Подготвено од М.Д.

About Author