crna gora

12.08.2025 Скопје

Светот на богатите доживува драматична промена, оваа година околу 142 илјади милионери подготвуваат куфери и заминуваат од своите луксузни станови во Лондон и имотите во Франција, барајќи нови дестинации за живот и инвестиции.

Додека Швајцарија, САД и Обединетите Арапски Емирати и понатаму остануваат класични „адреси“ за дел од најбогатите, едно име се издвојува како изненадување – Црна Гора. Оваа мала јадранска држава бележи најбрз раст меѓу светските центри за милионери.

Според анализата на швајцарската компанија „Henley & Partners“, бројот на милионери кои минатата година се преселиле во Црна Гора пораснал за неверојатни 124 проценти. Иако моменталниот број на милионери во земјата е околу 2.800 – далеку помалку од бројките во големите економии – трендот покажува дека земјата е сè поатрактивна за светскиот капитал.

Главната причина за ова е програмата „инвестиции за државјанство“, попозната како „златен пасош“. Но, според Доминик Волек од Henley & Partners, има и други фактори кои ја туркаат Црна Гора во фокусот: нејзината близина до Западна Европа, даночната флексибилност и можноста за зачувување и зголемување на богатството.

„Ниските црногорски даноци, со фиксна стапка на данок на доход и без данок на наследство или подароци, ја прават особено привлечна. Во комбинација со јадранското крајбрежје, понудата на луксузни недвижности и медитеранскиот стил на живот, Црна Гора станува избор број еден за инвеститорите,“ истакнува Волек.

Црна Гора не е единствената што го чувствува приливот на богатите. Зголемен број доселеници се бележи и во Малта, Полска, Кина, Костарика, Индија и Латвија. Наспроти тоа, најголеми одливи на милионери се регистрирани во Велика Британија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Русија, Бразил, Франција, Шпанија и Германија – земји кои полека, но сигурно, губат дел од својата економска елита.

Подготвено од М.Д.

About Author