donald-tramp-carini

30.08.2025 Скопје

Поголемиот дел од глобалните царини на претседателот Доналд Трамп беа прогласени за нелегални од Федералниот апелациски суд, кој утврди дека тој ги пречекорил своите овластувања при нивното наметнување, но судиите дозволија царините да останат на сила, враќајќи го случајот назад во понискиот суд за понатамошна постапка.

Апелациониот суд на САД за Федералниот округ во Вашингтон денеска ја потврди претходната пресуда на Судот за меѓународна трговија дека Трамп погрешно се повикал на законот за вонредна состојба за да ги издаде царините. Но, апелациските судии го вратија случајот назад во понискиот суд за да утврдат дали се однесува на сите засегнати од царините или само на страните вклучени во случајот.

Петочната пресуда ја продолжува неизвесноста околу тоа дали царините на Трамп на крајот ќе важат. Се очекуваше случајот следно да оди во Врховниот суд за конечна одлука. Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар за пресудата.

Судот за меѓународна трговија на САД на 28 мај пресуди дека огромно мнозинство давачки на Трамп биле издадени нелегално и нареди нивно блокирање. Тој одлучуваше по тужбите на пет мали американски бизниси и 12 американски држави предводени од демократите. Трговскиот суд со седиште во Њујорк заклучи дека Трамп погрешно се повикал на Законот за вонредни состојби за да ги оправда царините.

Само еден ден подоцна, Федералниот апелациски суд ѝ даде на администрацијата на Трамп привремено одложување на пресудата и последователно одлучи дека царините може да останат во сила додека не го разгледа случајот.

Одлуката на  Федералниот апелациски суд значи потврдување на одлуката на понискиот суд, што е чекор напред кон укинување на „реципрочните“ тарифи што Трамп ги објави на 2 април за увоз од речиси 60 земји, кои потоа беа паузирани на три месеци, а некои од нив беа и модифицирани. Исто така, одлуката се однесува и на посебните тарифи наметнати на стоки од Кина, Канада и од Мексико.

Подготвено од М.Д.

About Author