R (20)

08.08.2025 Скопје

Соединетите Американски Држави ја удвоија наградата за информации што доведоа до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 50 милиони долари по обвинение за трговија со дрога и врски со криминални групи, објави американскиот државен обвинител Пам Бонди.

Во видео објавено на X во четврток вечерта, Бонди го обвини Мадуро за соработка со истакнати криминални групи како што се Трен де Арагва и картелот Синалоа. Венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил изјави на Телеграм дека објавата е „најсмешната димна завеса што некогаш е видена“.

„Додека ги разоткриваме терористичките заговори оркестрирани од нивната земја, се прави  медиумски циркус за да ѝ се додворуваат на поразената крајна десница во Венецуела“, рече Гил. „Достоинството на нашата татковина не е на продажба. Ја осудуваме оваа груба политичко-пропагандна операција“, додаде тој.

Наградата првично беше одредена на 15 милиони долари во 2020 година, кога американските обвинители го обвинија Мадуро за трговија со дрога. Во јануари 2025 година, таа беше зголемена на 25 милиони долари, кога Мадуро положи заклетва за трет мандат, со нови санкции против високи венецуелски функционери.

Во февруари, американскиот Стејт департмент формално ја означи венецуелската банда Трен де Арагва како странска терористичка организација, заедно со МС-13 и неколку мексикански картели. Во јули, тој го означи и Картел де Лос Солес како глобална терористичка организација. Американскиот државен секретар Марко Рубио во изјава доцна во четвртокот изјави дека Мадуро е водач на Картел де лос Солес, кој е одговорен за трговија со дрога во Соединетите Држави, повеќе од една деценија.

Подготвено од М.Д.

About Author