29.07.2025 Скопје
Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, изјави дека американската желба за дијалог ќе остане само „надеж“ сè додека Вашингтон не прифати дека реалноста се променила во споредба со времето кога се одржуваа претходните средби меѓу двете земји, објави државната новинска агенција.
Американскиот претседател Доналд Трамп останува отворен за соработка со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за постигнување целосна денуклеаризација на Северна Кореја, изјави неодамна функционер на Белата куќа.
Тој за јужнокорејската новинска агенција изјави дека за време на неговиот прв мандат, Трамп одржал три историски самити со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, за кои, според него, го стабилизирале Корејскиот Полуостров и го постигнале првиот договор за денуклеаризација.
Тој рече дека Трамп сè уште ги има истите цели во својот втор мандат и дека останува отворен за соработка со Ким за да се постигне целосна денуклеаризација на Северна Кореја.
Администрацијата на Трамп во четвртокот објави пакет санкции против Северна Кореја, вклучувајќи санкции за седум севернокорејски државјани и една севернокорејска трговска компанија поради нивна вмешаност во активности насочени кон собирање средства за нуклеарните и балистичките ракетни програми на Северна Кореја.
Северна Кореја тврди дека геополитичките реалности се промениле и дека САД треба да прифатат нов баланс на моќ, наместо да се потпираат на она што го нарекуваат „застарени пристапи“ и неисполнети ветувања.
Подготвено од М.Д.