22.07.2025 Скопје
Најавата дека Владата ќе оди со линеарно, наместо со процентуално зголемување на пензиите, наиде на големо одобрување меѓу пензионерите, особено кај оние кои со месеци маршираа по улиците и бараа итна интервенција во висината на нивните месечни примања.
Од Иницијативните одбори, кои беа најгласни во овие протести, сега испратија дури и јавна благодарност до Владата, изразувајќи го задоволството од одлуката на секој пензионер да му се додадат по 2.000 денари месечно. Тие сметаат дека овие две илјадарки воопшто не се симболична помош, туку реална поддршка за луѓето кои живеат на самиот праг на егзистенцијата.
„Не е сè во бројките, ама ајде вака, просто да го кажам, претходно ни дадоа 5.000, сега додаваат уште 2.000. Ако вака размислувате, ова е веќе значајна сума. Јас имам над 70 години, со свои очи не сум видел досега една Влада за само година-година и пол да зголеми пензија за цели 6.000 денари. Ете, нека кажат другите пензионери дали сум во право. Не се баш малку пари тоа“, вели пензионерот Трајче, кој активно учествуваше во протестите како претставник на иницијативните одбори.
Но, сепак, тие велат дека Владата не смее да застане тука. Според нив, мора да се размисли за дополнителни бенефиции и поволности, особено за пензионерите што едвај врзуваат крај со крај.
Една од идеите за која упорно се залагаат е воведување специјални картички за попуст, кои би им овозможиле на најзагрозените пензионери полесно да си дозволат некој леб повеќе, лекови или, во најмала рака, да не мислат толку на секој денар.
„Се работи за тоа дека не бараме луксуз, туку еден минимум, пензионерот да не живее во постојан стрес. Да не размислува дали денес да си го купи лекот, или пак можеби е подобро малку сирење и леб за ручек. Знаеме каде живееме, не сме слетани од Марс. Ама, мора сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, барем малку достоинство да осетат“, рече еден од членовите на Иницијативниот одбор, кој инсистираше да остане анонимен.
Другите пензионери со кои поразговаравме низ скопските улици се со поделени чувства, но генерално го поддржуваат линеарното зголемување.
„Јас земам 16.000 денари пензија, па сега со овие две илјади… не е некоја голема веселба, ама богами ќе направи разлика“, се пошегува еден пензионер во близина на Зелен пазар.
„Подобро вака, затоа што кога се качува процентуално, најмногу добиваат тие што и онака земаат големи пензии. Ова е малку пофер начин, а со тие попуст картички – тоа би било уште поголем плус“, додава жена која чекаше во ред пред аптеката во Капиштец.
Пензионерите во моментов се оптимисти, но сè уште претпазливо чекаат и се надеваат дека ветеното наскоро ќе стане реалност, а не само уште една политичка приказна.
Подготвено од М.Д.