01.07.2025 Скопје
Европската Унија (ЕУ) е подготвена да прифати трговски договор со САД, кој подразбира универзална царина од 10 проценти на голем број извозни производи од блокот, но ќе бара и одредени исклучоци.
Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе продолжи со зголемување на царините кон Јапонија, додека неговиот главен економски советник изјави дека Белата куќа има цел да ги финализира договорите со партнерите по празникот на 4 јули. Најновата рунда на опасно надмудрување на Трамп со Токио во понеделникот доаѓа нешто повеќе од една недела пред рокот – 9 јули – за продолжување на примената на повисоки царини за десетици трговски партнери, вклучувајќи ја и Јапонија.
ЕУ ќе прифати трговски договор со САД и универзална царина од 10 проценти на голем број извозни производи од блокот, но истовремено бара одредени исклучоци – тоа подразбира обврзување на САД на пониски царински стапки во клучни сектори, како што се фармацевтски производи, алкохол, полупроводници и комерцијални авиони.
ЕУ исто така врши притисок врз САД за квоти и исклучоци што би ја намалиле вашингтонската царина од 25 проценти на автомобили и делови за автомобили, како и царината од 50 проценти на челик и алуминиум, според упатени извори. Европската комисија (ЕК), која ги води трговските прашања за ЕУ, го гледа овој договор како нешто што донекаде ги фаворизира САД, но и како нешто што би можело да се прифати, велат анонимни извори.
Да потсетиме, ЕУ има рок до 9 јули да склучи трговски договор со американскиот претседател, пред царините на речиси целиот европски извоз во Америка да скокнат на 50 проценти.
Подготвено од М.Д.