15.07.2025 Скопје
Како што објави американски портал, веројатно е дека на Украина ќе ѝ биде испратено не само одбранбено оружје како што е системот „Патриот“, туку и офанзивно оружје, вклучувајќи ракети со долг дострел со кои Украинците ќе можат да напаѓаат цели во Москва.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со нови, високи царини доколку не се согласи на договор за прекин на војната во Украина во рок од 50 дена.
Зборувајќи во Белата куќа заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп рече дека е „многу незадоволен“ од однесувањето на Москва.
„Доколку нема договор, ќе воведеме сериозни секундарни царини – околу 100 проценти“, рече Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе произведуваат и ќе испраќаат „најсовремено оружје“ до сојузниците на НАТО, а потоа Алијансата ќе одлучи каде ова оружје е најпотребно.
„Ќе произведуваме врвно оружје и ќе го испраќаме во НАТО“, рече Трамп, додавајќи дека дистрибуцијата, вклучително и испораките во Украина, ќе биде координирана од самата алијанса.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја оцени одлуката на Трамп како историска.
„Ова е навистина голема работа“, рече Руте, додавајќи дека тоа е одлука што ќе ѝ овозможи на Украина да ја одржи својата одбрана од Русија. Тој посочи дека европските земји ќе ги покријат трошоците за купување оружје, на што Трамп додаде: „Тоа има совршена смисла“.
Руте заклучи дека овој модел на градење европска одговорност доаѓа како продолжение на успехот на неодамнешниот самит на НАТО, велејќи дека „Европејците сега ја преземаат водечката улога“.
Подготвено од М.Д.