14.07.2025 Скопје
Европската унија(ЕУ) и Мексико изразија длабоко разочарување поради заканата од претседателот на САД, Доналд Трамп, дека од 1 август ќе воведе 30 отсто царини на нивниот извоз во САД. Двете страни најавија дека се подготвени да одговорат со пропорционални контрамерки, но воедно порачаа дека се подготвени да продолжат со преговорите со Вашингтон.
Мексико ја смета најавата за „нефер договор“, а претседателката Клаудија Шеинбаум нагласи дека „за суверенитетот на земјата не се преговара“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Брисел ќе ги преземе сите потребни чекори за заштита на интересите на ЕУ, вклучително и усвојување на пропорционални мерки, доколку тоа биде потребно.
Трамп предупреди дека доколку кој било трговски партнер возврати со свои царини, тој ќе воведе дополнителни увозни давачки над најавените 30 отсто. Во претходно интервју, емитувано во саботата вечер, Трамп изјави дека некои држави се „многу вознемирени“ од заканите, но тврди дека царините носат „стотици милијарди долари“ во американската економија.
Оваа недела, Трамп најави нови царини и за производи од Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Бразил. До сега, администрацијата на Трамп предложи царински мерки за 24 држави и ЕУ.
Фон дер Лајен изјави дека Унијата останува подготвена да работи на договор до 1 август.
„Малку економии во светот можат да се споредат со отвореноста на ЕУ и придржувањето до фер трговски практики“, додаде фон дер Лајен.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „со најсилно несогласување“ ја отфрла најавата на Трамп. Тој предложи ЕУ да ја забрза подготовката на кредибилни контрамерки ако нема напредок во разговорите.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони се надева на „фер договор“ и оцени дека „нема смисла да се предизвикува трговска војна меѓу двете страни на Атлантикот“. Холандскиот премиер Дик Схооф изјави дека ЕУ „мора да остане обединета и решителна“ во обидот да постигне „взаемно корисен“ договор со САД.
Подготвено од М.Д.