28.07.2025 Скопје
Во текот на ноќта, на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје беше повторно поставен споменикот на Андон Лазов Ќосето, кој пред шест години беше отстранет од пред зградата на Врховниот суд од страна на тогашната градска власт, предводена од поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
Одлуката за враќање на споменикот беше донесена од Советот на Град Скопје во декември 2023 година. Актуелната градоначалничка Данела Арсовска уште во првите месеци од мандатот најави дека ќе го врати споменикот на Ќосетo.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна РС Македонија. Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, информираа од Град Скопје.
Подготвено од М.Д.