18.07.2025 Скопје
Прекуграничниот тунел кај Деве Баир ќе се гради. Претставници од РС Македонија и Бугарија во Брисел се согласија да продолжат со активностите за тунелот, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од македонска страна.
Директорката за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство, Валентина Суперти ги седна на маса државниот секретар на Министерството за транспорт на РС Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, како и заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов.
Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи кои до крајот на јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Источниот дел од коридор 8 ги поврзува РС Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.
Подготвено од М.Д.