08.07.2025 Скопје
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје известува дека, покрај постојаните повици и преземените мерки, продолжува значително зголемената потрошувачка на вода, особено во попладневните часови. Таа во просек надминува 350.000 м3 на дневно ниво, што предизвикува нестабилност во системот за водоснабдување.
Скопјани во текот на еден ден искористиле вода колку во 140 олимписки базени, или во просек, секој жител потрошил по 664 литри.
“Како последица на сето ова, се соочуваме со прекини на водоснабдувањето на високите зони во делови од градот”, нагласуваат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Оваа голема потрошувачка е резултат на неконтролираното користење на вода за наводнување на зелени површини, градини и ниви, за миење возила, како и за полнење базени.
Од ЈП Водовод и канализација Скопје апелираат до сите жители на градот Скопје да користат вода совесно и рационално. Исто така, ги повикуваат граѓаните, доколку забележат нелегален приклучок, да го пријават на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk или www.vodovod-skopje.com.mk.
“Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје”, посочуваат од Ј. П Водовод и канализација – Скопје.
Според податоците од последниот Попис 2021 година, во Скопје живеат 526.502 жители, што значи дека секој жител во просек дневно троши повеќе од 664 литри вода.
За споредба, еден олимписки базен со димензии 50 на 25 метри и длабочина од 2 метри собира 2.500.000 литри вода. Со оглед на тоа што во Скопје биле потрошени 350.000.000 литри, произлегува дека скопјани само во еден ден потрошиле вода колку во околу 140 олимписки базени.
Подготвено од М.Д.