kripto-novcanik-zabranjuje-koristenje-svim-stanovnicima-u-sad-u

23.07.2025 Скопје

Светот на економијата во изминатите часови беше обележан со важни политичко-трговски потези и реакции на пазарите.

Соединетите Американски Држави (САД) постигнаа договори со Филипините и, што е уште поважно, со Јапонија, со што се избегнаа поголеми потреси во светската економија.

Паралелно со тоа, во фокусот се и американско-кинеските односи, додека „Мајкрософт“ ги обвинува хакерите од таа азиска земја за сериозни сајбер-напади. На берзите преовладува оптимизам, па европските и американските акции бележат раст во очекување нови договори и одлуки од централните банки, додека азиските пазари реагираат на политичките турбуленции во Јапонија.

По неколкумесечна неизвесност, американскиот претседател Доналд Трамп постигна трговски договор со Јапонија, според кој ќе бидат воведени царини од 15 проценти на увоз на стока од таа земја, вклучувајќи го и автомобилскиот сектор. Истовремено, договорено е Јапонија да инвестира 550 милијарди долари во Америка.

Благодарение на овој договор, клучниот американски сојузник ќе биде поштеден од царините од 25 проценти, кои требаше да стапат во сила следната недела.

Истовремено, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека следната недела ќе се сретне со кинеските колеги во Стокхолм на третата рунда разговори, за продолжување на царинското примирје.

Ова укажува на континуирана стабилизација на односите меѓу двете најголеми светски економии, откако САД неодамна ги ублажија ограничувањата за извоз на чипови, а Кина го продолжи извозот на ретки минерали.

Компанијата „Мајкрософт“ ги обвини кинеските хакери дека ги искористуваат ранливостите во нејзиниот софтвер Шерпоинт (SharePoint), откако во последните денови беа компромитирани сервери низ целиот свет. „Мајкрософт“ идентификува две хакерски групи зад кои, според нив, стои кинеската влада.

Кинеската амбасада, сепак, соопшти дека официјален Пекинг цврсто се противи на сите форми на сајбер-напади и сајбер-криминал, како и на обвинувања без цврсти докази.

Подготвено од М.Д.

About Author