Tramp

24.07.2025 Скопје

Белата куќа денес објави акционен план за унапредување на прогресот на вештачката интелигенција (ВИ) во САД, пласирање на американската ВИ во странство и елиминирање на „идеолошката пристрасност“ на чет-ботовите.

Претседателот Доналд Трамп нагласи дека напредокот, па дури и доминацијата на САД во областа на интелигенцијата е државен приоритет, изјави Дејвид Сакс, виш советник на Белата куќа за ВИ, за време на телефонски брифинг со новинарите. “Вклучени сме во глобална трка за лидерство во вештачката интелигенција и сакаме САД да победат”, рече Сакс. Овој акционен план е резултат на широки консултации со експерти, истражувачи и корисници, започнати во февруари.

Американскиот претседател има намера да отстапи од политиката на неговиот претходник Џозеф Бајден, кој се залагаше за контролиран раст, со акцент на безбедноста и управувањето со ризиците. Белата куќа соопштува дека идентификувала 90 мерки во три области кои ќе бидат реализирани „во наредните недели и месеци“, се вели во објавата.

Целта на првата област е да се олесни изградбата на нови дата-центри за работа на ВИ и спроведување на големи проекти за да се задоволат огромните потреби на тие центри за електрична енергија. Голем број дата центри веќе се во фаза на градба во САД. Администрацијата на Трамп сака да го забрза издавањето дозволи и овластувања за нови градилишта.

Вториот аспект се однесува на „дипломатијата на вештачка интелигенција“, како што ја нарекува Сакс. Ова, меѓу другото, би вклучувало ангажирање на две американски финансиски гранки за меѓународна трговија – Американската агенција за финансирање развој (DFCA) и Американската извозно-увозна банка, со цел да се поддржи пласманот на услуги за ВИ во странство. “За да се победи во оваа трка, (американските) модели на вештачка интелигенција мора да се користат ширум светот”, рече Мајкл Крациос, директор за наука и технологија во Белата куќа. Тој оцени дека американската ВИ треба да биде референтен стандард во светот.

Трамп го направи приоритет проширувањето на американската технологија во странство, особено на ВИ. Тој придонесе за разговорите што доведоа до тоа Обединетите Арапски Емирати во мај да склучат договори со компаниите OpenAI, Oracle и Nvidia за градење на сопствена инфраструктура за ВИ.

Третата клучна насока на акциониот план е одговорот на она што Трамп го гледа како појава на генеративна ВИ со „идеолошка пристрасност“. Тој планира да им забрани на државните служби да купуваат софтвер за генеративна ВИ кој покажува таква „пристрасност“. Според Мајкл Крациос, со тоа би се “обезбедило овие системи да овозможат слобода на изразување”. Тој рече дека „главната идеолошка пристрасност“, според Белата куќа, се однесува на иницијативите кои промовираат застапеност и инклузија на малцинствата.

Подготвено од М.Д.

About Author