ministerstvo-zdravstvo

17.07.2025 Скопје

Министерството за здравство објави дека интензивно се работи на значително унапредување на јавното здравство преку систематска обнова, проширување и градење на здравствени установи, со цел да се овозможат подобри услови за пациентите и здравствените работници, но и да се подобри квалитетот на здравствените услуги низ целата земја.

Во Штип, планирано е целосно да се продолжи со изградбата на Клиничката болница, откако Министерството го прекина претходниот договор поради непочитување на обврските од страна на изведувачот. Новиот проект ќе ја опфати изградбата и опремувањето на болничката зграда, Медицински факултет, студентски дом, комплетна инфраструктура и паркинг, со вкупна инвестиција од 147,65 милиони евра.

Во Тетово е предвидено доградување на два нови павилјони за специјализирани услуги како онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија, како и реновирање на постојните хируршки и интернистички одделенија и комплетно инфраструктурно и партерно уредување, со вкупна вредност од 40 милиони евра.

Во Кичево, по детална техничка и функционална проценка, ќе се пристапи кон целосна изградба на нова општа болница на нова локација, која ќе служи како регионален здравствен центар за поширокиот регион. Од МЗ потенцираат дека новиот објект ќе биде современ, енергетски ефикасен и целосно опремен, во вредност од 18 милиони евра.

Покрај градежните активности, проектите вклучуваат и набавка на најсовремена медицинска и немедицинска опрема. Вкупната вредност на целокупната инвестиција изнесува над 205 милиони евра.

„Овие проекти се дел од визијата за модерно, достапно и функционално здравство, каде што секој пациент ќе добие навремена и квалитетна здравствена услуга, а медицинскиот персонал ќе работи во безбедна и современа средина“, се наведува во соопштението од МЗ.

Подготвено од М.Д.

About Author