MAKRON I STARMER

10.07.2025 Скопје

Велика Британија и Франција се спогодија да нарачаат дополнителни крстосувачки ракети „Сторм Шадоу“, а истовремено преговараат за заедничка изработка на нивни наследник, како дел од обновен одбранбен договор, објавија британските медиуми по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Лондон.

Ракетата „Сторм Шадоу“, или СКАЛП, како што ја нарекуваат Французите, има голем дострел и веќе се користи од страна на Украина за напади во сржта на руската територија.

Двете земји со години дискутираат за развивање на нова генерација ракети, но сега, со оваа посета, официјално започнува следниот стадиум од проектот. Заедничката изработка ќе донесе над 1,300 работни места во Велика Британија, соопшти Владата во Лондон.

Во текот на третиот ден од државната посета на Макрон, тој и британскиот премиер Кир Стармер ќе потпишат и договор за продлабочување на нуклеарната соработка. Двете земји – единствените нуклеарни сили во Европа – ќе изразат подготвеност за координирање на нивниот нуклеарен арсенал со цел да се одвратат потенцијални закани како Русија.

Оваа декларација доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп во САД бара од европските сојузници во НАТО да преземат поголема одговорност во однос на безбедноста на континентот.

„Од војната во Европа, до зголемени нуклеарни ризици и секојдневни сајбер-напади – заканите растат“. „Како блиски партнери во НАТО, Британија и Франција имаат долга традиција на одбранбена соработка, а новите договори го подигнуваат ова партнерство на ново ниво“, изјави Стармер.

„Ова партнерство ја зајакнува нашата лидерска позиција во Европа, обезбедува континуирана поддршка за Украина и испраќа јасна порака до нашите противници – заедно сме посилни“, додаде британскиот министер за одбрана, Џон Хили.

Како надградба на договорите од Ланкастер Хаус од 2010 година, двете држави ќе го засилат и заедничкиот воен капацитет „Обединети сили“, како и соработката во одбранбената индустрија – особено во областа на вештачката интелигенција и оружја со директна енергија – преку нова програма наречена „Индустриска Антанта“.

Подготвено од М.Д.

About Author