20250723171233

24.07.2025 Скопје

Скратувањето на работната недела на четири дена може значително да го подобри физичкото и менталното здравје на вработените и да го намали ризикот од „прегорување“ на работа, според ново истражување.

Пилот-програмата, спроведена во шест земји – Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Велика Британија и САД – вклучи околу 2.900 вработени од 141 компанија кои ја скратија работната недела за 20 проценти, но без да ги намалат платите.

Пред воведувањето на промената, компаниите поминале низ двомесечна обука и реорганизација на работата, со цел да се зголеми ефикасноста и соработката. Потоа вработените работеле шест месеци според новиот модел – четири дена во неделата. Резултатите покажаа значително намалување на нивото на стрес и прегорување, подобрено ментално и физичко здравје, како и поголемо задоволство од работата. За разлика од нив, вработените во 12 американски компании кои не учествувале во програмата не пријавиле никакви позитивни промени.

„Ефектите врз благосостојбата на вработените се доста униформни – без оглед на тоа од која земја или компанија се“, вели социологот Вен Фан од Бостонскиот колеџ, еден од авторите на студијата.

Колку повеќе луѓето го намалувале работното време, толку подобро се чувствувале – не само во однос на работата, туку и воопшто, покажува студијата. Дури и оние кои работеле само неколку часа помалку неделно пријавиле подобро здравје и поголема мотивација.

Повеќето компании го задржале пократкиот работен распоред дури и една година по завршувањето на експериментот. Истражувачите не забележале пад ниту во перформансите на компанијата, ниту во благосостојбата на вработениот.

Подготвено од М.Д.

About Author