GLOBALNA EKONOMIJA

01.07.2025 Скопје

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Севиља на четвртата меѓународна конференција на ОН за финансирање на развојот изјави дека на светот му е потребен пофер глобален „даночен систем“ кој, како што рече, ќе го обликуваат сите, а не само неколкумина.

Ова вклучува тројно зголемување на кредитниот капацитет на мултилатералните развојни банки и пренасочување на специјалните права на влечење што можат да го ослободат кредитниот капацитет и да им помогнат на земјите во развој да ги зголемат инвестициите, рече Гутереш на отворањето на конференцијата.

Тој истакна дека целта на собирот е да им се обезбеди достоинствен живот на сите луѓе.

Оваа конференција не е за пари, туку за инвестиции во иднината што сакаме да ја изградиме заедно, рече Гутереш.

Според него, затоа е важно да се создаде единствен регистар на задолженост и долгови со цел да се зголеми транспарентноста и да се промовира одговорно кредитирање, како и да се намалат капиталните трошоци преку конверзија на долгот и поддршка за управување со долгот, но и преку прекини во сервисирањето на долгот во итни ситуации.

Мора да го зголемиме учеството на земјите во развој во институциите на глобалната финансиска архитектура. Сегашните главни акционери имаат улога, препознавајќи ја важноста на корекција на неправдите и прилагодување кон светот што се менува. Новиот форум на заемопримачи ќе им даде глас на заемопримачите за пофер решавање на долгот и ќе поттикне транспарентност, заедничко учење и координирани активности поврзани со долгот, рече Гутереш.

Тој се заложи и за иновативни финансиски решенија за ослободување на приватниот капитал, односно за како што нагласи „решенија што ги ублажуваат валутните ризици, што поефикасно ги комбинираат јавното и приватното финансирање и обезбедуваат ризиците и придобивките од развојните проекти да се споделуваат помеѓу јавниот и приватниот сектор“.

Мораме да го поправиме глобалниот систем на долгови што е неодржлив, неправеден и недостапен, рече тој.

Со годишно сервисирање на долгот од 1,4 трилиони американски долари, земјите имаат потреба и заслужуваат систем што ги намалува трошоците за задолжување, овозможува фер и навремено реструктуирање на долгот и на прво место спречува кризи на долгот.

Подготвено од М.Д.

About Author