FRANCIJA

31.07.2025 Скопје

Европските експерти веќе стануваат сѐ погласни во нивната констатација во јавноста дека финансиската состојба во Франција сè повеќе потсетува на онаа во Грција за време на финансиската криза во 2009 година, со вртоглаво продлабочување на финансиските тешкотии. Петтата република се приближува до точката каде што владата ќе мора да прибегне кон радикални мерки или да се соочи со можен банкрот, укажуваат експертите откако европскиот статистички центар „Евростат“ забележа нов раст на долгот на земјите членки на Европската Унија. Во последните 50 години, Франција немаше буџетски суфицит и секоја година државата троши повеќе отколку што заработува, и покрај тоа што има еден од највисоките даноци во Европа.

Националниот долг на Франција моментно изнесува 114 отсто од БДП, а дополнителен проблем претставува фактот што само во 2024 година, каматата за тој долг се зголеми за шест милијарди евра. До крајот на 2025 година, се очекува Франција да плати најмалку 60 милијарди евра камата, а до 2029 година, таа сума би можела да достигне дури 100 милијарди. Додека долгот продолжува да расте, земјата постојано бележи дефицити што ги надминуваат дозволените 3 отсто од Европската Унија. Во 2022 година дефицитот во францускиот буџет изнесуваше 4,7 проценти, а во 2023 година дури 5,4 отсто.
Во исто време, француската економија бележи слаб раст. По краткорочното закрепнување од 2,5 отсто по пандемијата, во 2023 година БДП порасна само за 0,8 проценти. Бидејќи даночните приходи не се зголемуваат, државата е принудена да се задолжи дополнително за да ги финансира своите расходи.

Во согласност со последните податоци објавени на крајот од првиот квартал од 2025 година, соодносот на бруто-долгот во еврозоната (EA20) изнесуваше 88 проценти и има благ раст во споредба со 87,4 отсто на крајот од четвртиот квартал од 2024 година.

За издвојување е што аналитичарите на „Евростат“ исто така потенцираат дека има раст и на задолженоста на целата Европска Унија и таму долгот од 81 процент, достигнал 81,8 отсто од бруто-домашниот производ.
Може овде, само за информација на читателите, да направиме мала дигресија од главната нишка на темата и да издвоиме дека што се однесува до РС Македонија, иако и понатаму расте висината на номиналниот долг, во согласност со последните податоци за првиот квартал од 2025 година, процентот на долгот е намален и падна на 57,7 проценти од БДП.

Подготвено од М.Д.

About Author