https://twitter.com/vonderleyen/status/1582635443073318912/photo/1

03.07.2025 Скопје

Само неколку месеци по почетокот на нејзиниот втор мандат како претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се соочува со гласање за доверба во Европскиот парламент (ЕП). Според парламентарни извори, претседателката на ЕП, Роберта Мецола, за ваквиот предлог ги информирала лидерите на парламентарните групи во текот на вчерашниот ден (2.07). Гласањето е закажано за следниот четврток во Стразбур

Предлогот за гласање доверба, наводно, дошол од романски пратеник во групата на Европските конзервативци и реформисти (ЕКР). Како што потврдија лидерите на пратеничките групи во Европскиот парламент, најмалку 72 пратеници го потпишале предлогот, со што тој доби можност да биде ставен на гласање во Парламентот. Пратениците за него треба да дебатираат следниот понеделник.

Пратеничката група ЕКР, меѓу другите, ја вклучува ултрадесничарската партија Браќа на Италија на италијанската премиерка Џорџа Мелони, национално-конзервативната партија ПиС од Полска, како и партијата на десноекстремниот француски политичар Ерик Земур и десноекстремната шпанска партија Вокс.

Сепак, ЕКР се дистанцира од предлогот: „Ова не е иницијатива на нашата група“, изјави портпарол на пратеничката група.

Како причини за гласањето за доверба се наведени текстуалните пораки што Фон дер Лајен ги разменила со директорот на фармацевтската компанија Фајзер за време на пандемијата на коронавирусот, како и наводното мешање на ЕУ во претседателските избори во Романија и програмата на ЕУ за трошоци во одбраната.

За да ѝ биде изгласана недоверба на Фон дер Лајен потребно е двотретинско мнозинство. Доколку, спротивно на сите очекувања, не биде изгласана доверба, тогаш не само Фон дер Лајен, туку целата Комисија ќе мора да поднесе оставка.

До денес, ниту една Европска комисија не е отстранета со гласање недоверба. Меѓутоа, во 1999 година, Комисијата на тогашниот претседател Жак Сантер го спречи потенцијалното гласање недоверба со поднесување оставка. Претходно беа објавени обвинувања за корупција против една еврокомесарка.

Подготвено од М.Д.

About Author