EU PARI EVRA

31.07.2025 Скопје

Кај европските земји се забележува дека во споредба со првиот квартал од 2024 година, односот на државниот долг во БДП се зголеми и во еврозоната и во ЕУ.

Аналитичарите објавуваат дека на крајот од првиот квартал од 2025 година, долгот бил составен од 84,2 проценти од должнички хартии од вредност во еврозоната и 83,6 во ЕУ, потоа од 13,3 проценти кредити во еврозоната и 13,9 отсто во ЕУ и 2,6 проценти валути и депозити во еврозоната и 2,5 проценти во ЕУ.

Она што е интересно за промените што настанаа од почетокот на годината во Европската Унија е растот на долгот во земји што претходно не бележеа толку високи задолжувања.

Прв пример е Полска каде што има и најголем раст на долгот од високи 6,1 проценти, по што следува Финска со раст на задолжувањето од 5,1 проценти, но и Австрија и Романија имаат голем пораст на долгот од 4,1 проценти. Потоа следува Франција со 3,6 проценти раст, па Италија со 2,9 отсто раст, Словачка со 2,6 и Шведска со 2 отсто раст на долгот.

Од друга страна, нашиот сосед Грција, која е меѓу најзадолжените земји во Европската Унија, во овој период бележи најголемо намалување на долгот, и тоа за високи 9,3 проценти поени, потоа следува Кипар со пад од 8,2 отсто на долгот, па Република Ирска со 6,1 отсто намалување на долгот, Хрватска со 3,6 процентни поени намалување на долгот, па Данска со 3,2, Шпанија со 2,8 и Португалија со 2,7 процентни поени.

Словенија е една од земјите каде што речиси и да нема промени кај задолжувањето.

Сепак, податоците откриваат дека нашиот јужен сосед, Грција, и понатаму е на врвот, односно е најзадолжена земја од сите членки на Унијата. Имено, долгот на Грција надминува 150 проценти, а веднаш зад неа е Италија со долг од 137 отсто од БДП. По нив е Франција со 114 отсто задолженост од БДП, па доаѓа Белгија со 106 отсто задолженост.

Спротивно на нив, меѓу земјите со најмал долг е нашиот источен сосед, Бугарија, која е на самото дно, и нејзиниот долг достигнува 23,9 отсто од тамошниот БДП. По неа, со малку поголема задолженост од само 24,1 проценти е Естонија, па следува Луксембург со 26,1 отсто долг и Шведска, чиј долг достигнува 33,5 проценти.

Подготвено од М.Д.

About Author