30.07.2025 Скопје
Главните сојузници на Украина во Европа се подготвени да побараат десетици милијарди евра преку наменски заеми од Европската Унија, со цел заедничко купување оружје за земјата погодена од војна, како и за зајакнување на сопствената одбрана.
Имено, пред крајниот рок за аплицирање за новата шема за заеми за оружје од 150 милијарди евра, за механизмот за безбедносна помош на Европа, претставници од неколку земји од ЕУ изјавија дека размислуваат да ги искористат тие пари за да ѝ помогнат на Украина во војната против Русија.
Шемата за заеми беше предложена од комисијата во март како дел од нејзината поширока програма „Риарм Јуроп“ и има цел да ја зајакне одбранбената индустрија на Европа и да ја намали децениската воена зависност на европскиот блок од САД.
Финска, Данска, Естонија, Литванија и Словачка сѐ уште размислуваат да ги активираат поволните наменски кредитни линии на ЕУ (за вооружување на Киев), изјавија неколку дипломати. Од друга страна Полска, Чешка, Летонија, Бугарија и Грција промптно потврдија дека ќе го сторат тоа. Со заедничко купување оружје преку „шемата на наменски заеми“, земјите можат да обезбедат пониска цена отколку што би добиле доколку сами ја вршат набавката, а потоа да го испорачаат вооружувањето во Украина. За издвојување е информацијата дека Франција, исто така, ќе аплицира за кредити, додека се очекува Германија, Шведска и Холандија да го одбијат предлогот, според луѓе запознаени со плановите на тие влади.
Сепак, дури и земјите што не земаат кредити сè уште можат да ги намалат трошоците за испораки на оружје со учество во заеднички набавки. Европските земји се соочуваат со растечки притисок да ги зголемат сопствените резерви на оружје и да ја зголемат воената помош за Украина откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше неподготвеност да продолжи со финансирањето на воените напори на Киев.
Земјите, исто така, истражуваат директно купување оружје од украински компании, што се охрабрува во рамките на регулативата САФЕ (Безбедносна акција за Европа). Ова би му овозможило на Киев да „ги зголеми обемот на одбранбено производство и технолошката интеграција со ЕУ“.
Комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, во четвртокот соопшти дека најмалку 20 земји ќе бараат до 100 милијарди евра во рамките на споменатата „шема“. Конечната бројка ќе биде појасна по рокот за аплицирање за кредити што заврши вчера, иако Брисел посочи дека дури и доцните пријави нема да бидат одбиени.
Брисел понуди временска рамка од 45 години за враќање на кредитите и авансни плаќања до 15 проценти. Евтините долгорочни кредити би биле финансирани од долг на ниво на ЕУ, користејќи го кредитниот рејтинг тројно А на блокот.
Програмата првично им се допадна на околу 20 земји, за кои кредитите од ЕУ доаѓаа со поповолна каматна стапка отколку што би понудил пазарот доколку позајмуваат на свое име. Сепак, понудата првично им се чинеше неприфатлива на богатите нордиски земји со заеднички шеми за задолжување и силни кредитни рејтинзи, како што се Шведска, Данска и Финска. Во обид да ги привлечат тие сојузници на Украина во шемата, Кубилиус и комесарот за економија Валдис Домбровскис ги повикаа земјите од ЕУ да ја користат САФЕ за купување оружје за Украина.
Ве покануваме силно да размислите како да ја вклучите Украина во вашите планови. Набавките за Украина, со Украина, во Украина, можат да направат разлика за нашата колективна безбедност – рекоа тие во писмо до земјите членки претходно месецов.
Данска и Финска сега веројатно ќе ја прифатат понудата. Земјите со високи долгови и дефицити, како Австрија и Италија, се неволни да ги земат кредитите поради загриженост од зголемување на нивниот постоен долг, бидејќи тоа би можело да го одложи нивното излегување од казнената постапка на ЕУ за прекумерни трошачи, изјавија официјални лица.
Франција, долгогодишен поддржувач на поголеми трошоци за одбрана на ЕУ, веројатно ќе ги земе кредитите и покрај ограничувањата на домашниот буџет. Белгија, која исто така е оптоварена со висок долг, ќе бара од седум до 11 милијарди евра во рамките на шемата, според функционер запознаен со прашањето.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека неговата земја ќе побара 1,2 милијарда евра кредити во рамките на шемата. Земјите подалеку од Русија, како што се Малта и Шпанија, веројатно нема да побараат кредити.
Подготвено од М.Д.