09.07.2025 Скопје
Пред една година, во моите политички смерници, зборував за потребата Европа да изгради вистинска надворешна економска политика, но сеизмичката и револуционерна промена во глобалните економски релации во изминатата година ја направи таа потреба уште поитна, подвлече денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во своето излагање на дебатата во Европарламентот посветена на резултатите од јунскиот Самит на ЕУ.
“Но, секоја надворешна економска политика мора да започне дома, бидејќи прво треба да ја направиме нашата сопствена економска и индустриска база посилна и поотпорна на шокови”, потенцираше Фон дер Лајен.
За да се реализира тоа, според неа, ЕУ работи на олеснување на растот на иновативните компании, унапредување на условите за инвестирање и намалување на трошоците за водење бизниси.
Фон дер Лајен се осврна и на трговските односи на ЕУ со САД, нагласувајќи дека Унијата претпочита спогодба за царините и ќе стои цврсто на тој став во преговорите со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
“Имав добра размена на мислења со претседателот Трамп претходно оваа седмица за да помогнеме во придвижување на работите напред. Бараме јасна рамка на која можеме да продолжиме да градиме. Значи, пораката е јасна. Се држиме до нашите принципи. Ги браниме нашите интереси. Продолжуваме со работата со добра волја. И се подготвуваме за сите сценарија”, додаде Фон дер Лајен.
Таа истакна дека ЕУ смета оти давачките се лоши за бизнисот и поради тоа работи на склучување трговски договори со истомислениците од целиот свет, наметнувајќи се како партнер на кој може да се смета и отворајќи огромни нови можности и пазари.
Фон дер Лајен во своето обраќање се осврна и на одбраната, нагласувајќи дека секогаш кога се разговара за неа треба да се има предвид дека војната во Украина се уште беснее.
“Не можеме да се потпреме на други за да ја заштитиме Европа. Одбраната на Европа е наша одговорност. Сите ја сфаќаме итноста”, истакна Фон дер Лајен, потсетувајќи на мерките и плановите што ги подготви Европската комисија за зајакнување на одбраната и безбедноста на Унијата.
Според неа, инвестициите во одбраната се подеднакво важни, како за сегашните, така и за идните земји членки на ЕУ, бидејќи станува збор за заедничката безбедност и заедничкиот просперитет.
“Ова, секако, особено е случај за Украина… Украина и ЕУ стојат заедно сега и ќе бидеме заедно и во иднина. Така го правиме тоа со овој Дом, со оваа Комисија и со сите наши земји членки за сегашноста и за иднината”, додаде Фон дер Лајен.
Подготвено од М.Д.