17.07.2025 Скопје
Европската комисија се очекува да го одобри Предлогот за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, чија вредност, според најавите, ќе достигне 1,717 милијарди евра.
По одобрувањето на Рамката, еврокомесарот за буџет, Пјотр Серафин, во попладневните часови ќе ги информира европратениците за нејзината содржина. Потоа, претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција ќе го претстави следниот седумгодишен буџет на ЕУ.
Според достапните информации, од вкупните буџетски ресурси на блокот за периодот 2028-2034 година, 522 милијарди евра ќе бидат наменети за поддршка на европското стопанство, од кои над 300 милијарди евра за најавениот Европски фонд за конкурентност, а значаен износ ќе биде издвоен и за истражувања и иновации.
Најавите дека 522 милијарди евра ќе бидат наменети за економскиот сектор, медиумите во Брисел ги оценуваат како “победа” на извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Стефан Сежурне, бидејќи со тоа тој би добил на располагање значаен износ за стимулирање на економската конкурентност.
Создавањето на Европскиот фонд за конкурентност, според проценките на Еврокомисијата, е од клучно значење доколку ЕУ сака економски “да одржи чекор” со Кина и САД.
На сметка на зајакнувањето на конкурентноста, се планира редуцирање на финансиите за кохезивните фондови, за кои досега се одвојуваше речиси една третина од буџетските средства. Со новиот предлог, се очекува за програмите за кохезија да бидат одвоени нешто над 300 милијарди евра, пред сѐ наменети за поддршка на посиромашните региони во ЕУ. На овој начин значително ќе се намалат средствата што досега ги добиваа регионалните власти ширум блокот.
Сепак, од вкупните 1,717 милијарди евра, по околу 30 милијарди евра годишно ќе треба да се одвојат и за сервисирање на јавниот долг на ЕУ, создаден од позајмиците за финансирање на Фондот за закрепнување на земјите членки од последиците на пандемијата на Ковид-19.
Инаку, истовремено со презентацијата на новата повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ, за попладнево во Брисел е најавен протест на неколку здруженија на земјоделците, во знак на незадоволство поради плановите за намалување на земјоделските субвенции и за префрлање на надлежноста за распределба на средствата за земјоделски програми на националните власти на земјите членки на ЕУ. Организаторите на протестот најавија дека е предвиден “симболичен марш”, кој ќе започне од пред Европскиот парламент и ќе заврши пред зградата на Европската комисија.
Подготвено од М.Д.