01.07.2025 Скопје
Цврста определба на Владата е интеграција во ЕУ, изјави премиерот Христијан Мицкоски во Скопје на средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос. Таа престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.
На средбата разговарале за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
Премиерот ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Подготвено од М.Д.