01.07.2025 Скопје
Советот на ЕУ денес донесе одлука за продолжување на економските ограничувачки мерки на Унијата, воведени како резултат на постојаните руски дејствија кои имаат за цел да ја дестабилизираат ситуацијата во Украина. Ограничувањата се продолжуваат за дополнителни 6 месеци, односно до 31 јануари 2026 година.
Овие санкции покриваат обемна палета на секторски мерки, кои подразбираат рестрикции во размената, финансиите, енергетиката, технологијата, производите со двојна употреба, индустријата, превозот и луксузните добра.
Тие исто така вклучуваат забрана за внесување или пренесување на сирова нафта и одредени нафтени продукти од Русија во ЕУ, исклучување на повеќе руски банки од СВИФТ системот и прекин на работењето и акредитациите на неколку медиуми финансирани од Кремљ.
Исто така, пакетот вклучува и посебни активности за справување со избегнувањето на санкциите.
“Доколку со илегалните активности на Руската Федерација продолжи кршењето на основните правила на меѓународното право, вклучително, пред се, на забраната за употреба на сила, соодветно ќе останат во сила сите мерки воведени од ЕУ и доколку е потребно ќе бидат преземени и дополнителни мерки,” се вели во изјавата на Советот.
Овие финансиски мерки стапија на сила на 31 јули 2014 година, а потоа беа значително зголемени од февруари 2022 година како одговор на руската инвазија на Украина.
Подготвено од М.Д.