16.07.2025 Скопје
Американските инвестициски фондови „Аргентем Крик Партнерс“ и „Иноватус Капитал Партнерс“ ја презедоа контролата врз еден од најголемите терминали за жито во Украина – „Олимпекс“ во градот Одеса – по години судски спорови.
До ова дојдоа по години судски спорови и со помош на администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Партнерот на фондот „Аргентем“, Џон Патон, објави дека терминалот би можел повторно да биде оперативен во текот на летото, најдоцна до септември, а оперативното управување ќе му биде доверено на шведскиот инвеститор Карл Стурен.
Спорот започнал кога украинските сопственици на терминалот, поврзани со групацијата „ГНТ“, не успеале да го вратат заемот од 95 милиони долари што го добиле од американските доверители.
Во истрагата е утврдено дека информациите за залихите од жито, кои биле обезбедување за заемот, биле фалсификувани.
Еден од поранешните сопственици на терминалот, Владимир Науменко, беше уапсен во мај под обвинение за измама, а неговиот деловен партнер Сергеј Гроза тврди дека случајот е политички монтиран.
Со одлуката на Врховниот суд на Украина од 9 јули, терминалот официјално беше префрлен во сопственост на американски фондови.
Капацитетот на „Олимпекс“ е околу пет милиони тони годишно, што го рангира меѓу клучните инфраструктурни објекти кога станува збор за украински извоз на жито.
Подготвено од М.Д.