30.07.2025 Скопје
Африканската свинска чума (АСЧ) и натаму се шири низ регионот на Славонија, предупредуваат хрватските надлежни институции. Министерството за земјоделство, шумарство и рибарство на Хрватска утрово објави дека вирусот е потврден на уште неколку локации во Осијечко-барањската жупанија, при што се нагласува неопходноста од строго спроведување на сите пропишани биосигурносни мерки во целиот производствен синџир.
Според соопштението на Министерството, нови жаришта на африканската свинска чума се откриени на 29 јули во објект во населеното место Далј, Општина Ердути, како и на уште една локација во Општина Јагодњак. Само неколку дена претходно, на 25 јули, вирусот беше детектиран и во четири лешини од диви свињи пронајдени на брегот на Дунав, на границата со шумскиот предел Пориќ.
Министерството дополнително укажува на зголемен ризик од ширење на вирусот преку границата со Србија. Според нивните податоци, српските власти пријавиле 51 ново жариште на АСЧ, главно во Мачванскиот регион – област која, исто така, се наоѓа покрај Дунав. Се смета дека постои интензивна циркулација на вирусот во тој дел, што претставува сериозна закана за свињарското производство во Хрватска и регионот.
Подготвено од М.Д.