23.07.2025 Скопје
Дваесет и осум земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Јапонија и низа европски држави, издадоа заедничка изјава во која наведуваат дека војната во Газа „мора да заврши веднаш“ – што е најнов знак за засилената реторика на сојузниците, додека изолацијата на Израел се продлабочува.
Декларацијата ја поддржаа и ја потпишаа министрите за надворешни работи од вкупно 26 земји, меѓу кои се Австралија, Канада, Јапонија и поголем дел европски држави како Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија, Шведска, Холандија, Полска и Швајцарија.
Министрите за надворешни работи на земји како Австралија и Канада изјавија дека „страдањето на цивилите во Газа достигна нови длабочини“. Тие ја осудија „капковидната испорака на хуманитарна помош и нехуманото убивање на цивили, вклучително и деца, кои се обидуваат да ги задоволат своите најосновни потреби за вода и храна“.
Во изјавата како „застрашувачка“ се опишува смртта на над 800 Палестинци кои барале помош, според податоците на Министерството за здравство на Газа и на Канцеларијата за човекови права на ОН.
„Моделот на испорака на помош, што го користи израелската влада, е опасен, создава нестабилност и им го одзема човечкото достоинство на Палестинците во Газа. Невозможно е да се оправда негирањето на основната хуманитарна помош за цивилното население. Израел мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право“, стои во изјавата.
Министерството за надворешни работи на Израел ја отфрли изјавата, нарекувајќи ја „оттргната од реалноста“ и обвинувајќи дека „испраќа погрешна порака до Хамас“. Министерството го обвини Хамас дека ја продолжува војната со тоа што одбива да го прифати предлогот, поддржан од Израел, за привремен прекин на огнот и за ослободување на заложниците.
„Хамас е единствениот одговорен за продолжувањето на војната и за страдањето на обете страни“, напиша портпаролот Орен Марморштајн на социјалната мрежа Икс.
Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, исто така ја отфрли изјавата на сојузниците, нарекувајќи ја „гнасна“ во објава на Икс, додавајќи дека тие треба да извршат притисок врз „дивјаците од Хамас“, а не врз Израел.
Забележливо е отсуството на Германија од оваа изјава.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадепфул, напиша на Икс дека во понеделникот разговарал со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, и ја изразил својата „длабока загриженост за катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Газа додека офанзивата се шири. Тој го повикал Израел да ги спроведе договорите со ЕУ за олеснување на хуманитарната помош.
Повеќе од 2 милиони Палестинци во Газа се соочуваат со катастрофална хуманитарна криза, во голема мера зависејќи од ограничената помош што се дозволува да влезе во територијата. Израелската офанзива расели околу 90% од населението, при што многумина биле принудени да бегаат повеќе пати.
Поголемиот дел од храната што Израел дозволил да влезе во Газа оди до Фондацијата за хуманитарна помош на Газа, американска група поддржана од Израел. Од почетокот на нејзиното делување во мај, стотици Палестинци биле убиени при пукања од израелски војници додека се обидувале да стигнат до пунктовите, според сведоци и здравствени извори. Израелската војска тврди дека само испукува предупредувачки истрели кон оние што ѝ се приближуваат.
Подготвено од М.Д.