
03.06.2025 Скопје
Вториот круд од директните преговори помеѓу руската и украинската делегација во Истанбул завршија за околу еден час, јавија руските медиуми. Преговорите се воделе на руски јазик и траеле повеќе од еден час. Шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Јермак, изјави дека за време на состанокот, украинската страна предала список на украински деца кои мора да бидат вратени.
Првата рунда директни преговори исто така се одржа во Истанбул на 16 мај кога беше договорена размена на воени заробеници „1.000 за 1.000“. Разговорите доаѓаат само еден ден откако Украина започна дрзок напад со беспилотни летала врз руската флота на стратешки бомбардери.
Обновените разговори досега не успеаја да постигнат мировен договор, па дури ни да постигнат одржлив прекин на огнот, и покрај притисокот врз двете страни од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Последната средба меѓу руските и украинските делегации во Истанбул кон средината на мај беше првиот директен контакт меѓу двете страни од пролетта 2022 година.
Државниот секретар Марко Рубио разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата, според соопштението објавено од Стејт департментот – во кое се вели дека повикот се одржал „на барање на Русија“.
„Секретарот Рубио го повтори повикот на претседателот Трамп за продолжување на директните разговори меѓу Русија и Украина за постигнување траен мир“, соопшти Стејт департментот.
Украина повикува на целосен 30-дневен прекин на огнот во кој можат да се водат мировни преговори. Русија го одби барањето, а претседателот Владимир Путин и неговите високи функционери ги задржаа максималистичките воени цели кои датираат од првите денови на руската инвазија. Меѓу барањата на Кремљ се анексијата на четири украински региони – плус задржувањето на Крим, кој Русија го зазеде во 2014 година – украинската демилитаризација и трајно блокирање на пристапувањето на земјата во НАТО.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи во неделата изјави дека делегацијата на Киев ќе ја предводи министерот за одбрана Рустем Умеров. Претседателот ги изложи целите на Украина за состанокот. „Прво – целосен и безусловен прекин на огнот“, напиша тој. „Второ – ослободување на затворениците. Трето – враќање на киднапираните деца. И со цел да се воспостави сигурен и траен мир и да се обезбеди безбедност, подготовка на состанокот на највисоко ниво.“
Зеленски и неговата влада постојано го обвинуваат Путин за намерно саботирање на мировните преговори откако Трамп се врати на функцијата во јануари, откако вети во предизборната кампања дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа. Заканата на Трамп за понатамошни санкции врз Русија не изгледа дека ги омекнала воените цели на Кремљ.
Подготвено од М.Д.