
02.06.2025 Скопје
Во 2024 година, земјоделците во канадската покраина Саскачеван се соочија со неверојатна ситуација – парчиња вселенски отпад паднаа на нивните полиња. Како што откри астрономот Саманта Лолер од Универзитетот во Реџина, ова се остатоци од сателит на SpaceX. Овој случај е само вовед во она што би можело да прерасне во глобална криза.
Ова се првите сателити од таканаречените мегасоѕвездија, како што е Starlink, кои беа лансирани во 2019 година. По исклучително краток животен век – само пет години – овие сателити го завршуваат својот животен циклус со согорување во атмосферата.
Иако е економски одржливо да се влечат сателити на Земјата и да се согорат во атмосферата, влијанието на овој процес врз животната средина станува сè појасно. За време на согорувањето, компонентите како што се металите, пластиката, антените и сончевите панели не исчезнуваат, туку се претвораат во метални пареи – особено реактивни како алуминиум и литиум – кои остануваат во стратосферата.
До 2023 година, металите од вселенските летала веќе сочинуваа 10 проценти од стратосферските аеросоли. Доколку продолжи планираното лансирање на десетици илјади сателити, внесувањето на метали во атмосферата би можело да ги надмине природните нивоа многу пати, со сериозни последици за озонската обвивка.
Сателитите кои не се распаѓаат целосно при повторното влегување во атмосферата оставаат зад себе остатоци што паѓаат на Земјата. Во изминатите неколку месеци, вакви фрагменти се пронајдени во Полска, Кенија, Северна Каролина и Алжир. Советскиот вселенски брод „Космос 482“ од 1970-тите неодамна се урна во Индискиот Океан.
„Во одреден момент, парче вселенски отпад ќе предизвика човечка смрт“, предупреди Лолер за „Лајв саенс“. Научниците предвидуваат 10 проценти шанси за смртен случај од паѓање на остатоци од ракети во следната деценија – и таа проценка не ги вклучува сите сателити што повторно ќе влезат во атмосферата во тој период.
Оставањето на нефункционални сателити во орбитата не е решение. Тие патуваат со брзина поголема од 25.000 км/ч и можат да предизвикаат верижни судири, познати како Кеслеров синдром – сценарио во кое вселенскиот отпад станува самоодржлив и ја прави ниската орбита неупотреблива со децении или дури векови.
Помалку сателити – помал ризик
„Старлинк“ моментално има најголема густина на активни сателити во историјата, а во текот на втората половина од 2024 година, спроведуваше избегнување судири во просек на секои две минути. „Доколку има сончева бура, хакерски напад или човечка грешка, системот за избегнување судири би можел да откаже – а потоа се заканува катастрофа“, предупредува Лолер.
Решението, според Лолер, лежи во помалку сателити со подолг рок на траење и меѓународни правила. Покрај безбедносните ризици, премногу сателити придонесуваат и за светлосно загадување што ги загрозува астрономските истражувања и откривањето на опасни астероиди.
„Ниската Земјина орбита (LEO) мора да биде заштитена како вреден ресурс – за сегашните и идните генерации“, заклучува Лолер. Без глобална регулација или самонаметнати ограничувања од компании како SpaceX, сегашните практики ја загрозуваат атмосферата, науката и човечките животи.
Подготвено од М.Д.