sad i kina

10.06.2025 Скопје

Извозот на Кина во САД се намали за 34,5 отсто во мај во споредба со истиот месец минатата година, што претставува најголем пад во повеќе од пет години, објави денес Генералната царинска управа на Кина.

Вкупниот кинески извоз се зголеми за 4,8 отсто на годишно ниво на 316,1 милијарди долари во мај, но остриот пад на трговијата со САД значително го намали очекуваниот раст.

Кинескиот увоз од САД исто така се намали, за повеќе од 18 отсто на годишно ниво, додека трговскиот суфицит на Кина со САД се намали за 41,55 проценти, на 18 милијарди долари.

Трговските бројки за мај не ги одразуваат целосно последиците од американските тарифи од 145 проценти што беа на сила до средината на месецот.

Дури од јуни кинеските извозници можат целосно да ги искористат олеснетите услови од прелиминарниот трговски договор меѓу Пекинг и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп што беше постигнат во Женева.

Кина забележа раст во трговијата со другите региони: извозот во Југоисточна Азија се зголеми за речиси 15 отсто, во Европската Унија за 12 отсто и во Африка за повеќе од 33 отсто.

Вкупниот трговски суфицит на Кина во мај изнесуваше 103,2 милијарди долари, што е за 25 отсто повеќе отколку во мај 2024 година.

Извозот на Кина за првите пет месеци од 2025 година се зголеми за 6,1 отсто на годишно ниво на 1,48 трилиони долари.

Вториот круг трговски преговори меѓу Кина и САД започнува денес во Лондон, а кинескиот вицепремиер Хе Лифенг ќе се сретне со американскиот министер за финансии Скот Бесант.

Подготвено од М.Д.

About Author