
05.06.2025 Скопје
Претставници на Европската Унија и САД се сретнаа во Париз за да разговараат за трговски договор. Главниот трговски преговарач на ЕУ, Марош Шефчовиќ, се сретна со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир на маргините на состанокот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.
„Напредуваме во вистинска насока и со вистинско темпо и остануваме во близок контакт за да го задржиме моментумот“, напиша Шефчовиќ на платформата Икс, објавувајќи фотографија од ракувањето со Грир.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на ЕУ со царини од 50 отсто, обвинувајќи ја за нефер преговарање. Преговорите се одвиваат пред истекот на 90-дневната пауза што САД ја одобрија пред воведувањето на таканаречени “‘реципрочни’” царини, предвидени за 9 јули. Европа веќе објави дека е подготвена да одговори доколку царините бидат насочени кон неа.
Трамп редовно изразува незадоволство од трговскиот дефицит на САД со ЕУ, кој во 2024 година, според американското Министерство за трговија, достигна рекордни 161 милијарда долари. Тој ја обвинува ЕУ за нефер трговски практики, често посочувајќи ја европската царина од 10 отсто на увезените автомобили. Американскките царини за автомобили беше 2,5 отсто пред Трамп да ја зголеми на 25 отсто во април. ЕУ, пак, тврди дека купувањето американски услуги, особено во технолошкиот сектор, речиси го поништува овој дефицит.
Минатата недела, Трамп објави удвојување на царините на челик и алуминиум на 50%, мерка што стапи во сила денеска, дополнително комплицирајќи ги преговорите меѓу Брисел и Вашингтон. ЕУ во понеделникот соопшти дека подготвува „контрамерки“ против САД. ЕУ им понуди на Американците договор за „нула за нула“ царини, со што би се укинале царините за индустриските производи, вклучително и автомобилите. Трамп ја отфрли оваа идеја, но официјални лица на ЕУ велат дека таа останува „на маса“.
„Имаме уште неколку недели за овие разговори и преговори“, изјави францускиот министер за трговија во Париз пред состанокот на ОЕЦД. „Ако преговорите не успеат, Европа е способна да воведе контрамерки за американските производи и услуги“, додаде тој.
Подготвено од М.Д.