mickoski-1

18.06.2025 Скопје

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одбра да ги одбележи 35-те години од основањето на специфичен локалитет – амфитеатарот во Хераклеа крај Битола. Главен говорник беше лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Тој рече дека целта на Владата е да изгради праведно општество во кое нема да има привилегирани, туку ќе има правда за сите.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но, денес, нашата држава е една од најбрзорастечките во Европа со четвртиот највисок економски раст. Сепак, силна РС Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои не дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер“.

Тој изнесе 15 конкретни мерки на кои се фокусира Владата меѓу кои се инвестиции во инфраструктурата (подобри патишта, железници и енергетски мрежи), поддршка за домашните компании преку олеснети услови за работа, создавање нови работни места со фокус на младите, подобрување на условите за работниците (сигурност и достоинствено плати), програми за стабилност и развој на земјоделството, зголемување на пензиите и подобрување на социјалната заштита и унапредување на здравството (изградба на нови болници, современа опрема и квалитетен кадар).

„Нашата идеја не запира, нашата волја не се крши, најдоброто допрва доаѓа. Секој од овие чекори е дел од нашата стратегија за долгорочен развој. Нашата желба е секој граѓанин да осети подобрување во својот живот. Затоа и велам – тешко е сега, но нема да отстапиме, нема да се откажеме. Јас сум горд што сум дел од овој тим и оваа партија. Мојата лична приказна е приказна за човек кој никогаш не се предал, кој секогаш верувал во РС Македонија и нејзиниот народ“.

Во говорот Мицкоски им порача на своите функционери – „не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите“. Воедно повика на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Секој што мисли дека фотелјата е само лична придобивка, потенцира, нека размисли повторно.

„Секое отстпапување од вредностите кои ги застапуваме нема да остане неказнето или неприметено. И ниту еден од вас не е незаменлив, колку и да е близок до мене. Мора да знаете дека ниту една ваша функција, ниту една позиција не ви е сигурна и таму ќе бидете се додека служите и заедно работиме за народот“, подвлече Мицкоски.

Според него, несовесното седење во фотелјата носи срам и разочарување, а достојното и пријателско седење на столчето, на гајбата пред кооперацијата или на клупата во маалото, носи пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата.

Тој на крајот од своето обраќање им се поклони на основачите на ВМРО-ДПМНЕ, на сите борци за ВМРО, на сите кои „воздивнуваат и треперат при секој предизвик на партијата и искрено се радуваат и втемелуваат во секој успех, на сите кои од 1990 година до денеска се дел од партијата која ја носеше и канализираше мислата и идејата за слободна, демократска и независна РС Македонија“.

Подготвено од М.Д.

About Author