
12.06.2025 Скопје
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека партијата нема никаков проблем да ја поддржи иницијативата за воведување една изборна единица во земјата. Ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање поврзано со предложените измени на Изборниот законик, кои денеска се најдоа на дневен ред на Собраниската седница, поднесени од Либерално-демократската партија.
Мицкоски го повтори партискиот став дека ќе поддржат воведување една изборна единица, со право на глас и за македонската дијаспора. „Нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборниот процес, како на парламентарни, така и на претседателски избори“, рече премиерот, реагирајќи на обвинувања од пратеничка од опозицискиот Европски фронт дека Владата не се грижела за дијаспората преку новиот Закон за локална самоуправа.
„Ние сме за тоа да имаме една изборна единица каде што сите гласови – и од резидентното население и од дијаспората – ќе се влеваат во една заедничка изборна база. Со тоа ќе се избегнат непотребни трошоци и поделба на изборни единици“, објасни Мицкоски. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да поддржи и поставување гласачки места и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, во држави каде тоа е дозволено.
Инаку, предложените измени на Изборниот законик за воведување една изборна единица, по скратена постапка, се поднесени од пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија и денеска се на дневен ред на 53. седница на Собранието.
Во образложението се наведува дека целта на овие измени е да се обезбеди еднаква вредност на гласот за сите граѓани, без разлика на географската распределба. Исто така, со воведување на преференцијално гласање, избирачите ќе имаат поголемо влијание врз изборот на кандидатите, а ќе се зголеми и одговорноста на избраните претставници. Промените предвидуваат и поголема застапеност на помалите политички субјекти, како и јакнење на довербата во изборниот процес преку зголемена транспарентност и отчетност.
Подготвено од М.Д.