
05.06.2025 Скопје
Известувачот за РС Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, побара да се одложи гласањето за извештајот за РС Македонија, што ги крена страстите во нашата држава и во Бугарија.
Иако нагласи дека цврсто стои зад тоа што го пишува во извештајот, тој реши да им даде шанса на европарламентарците кои ја спореа неговата работа, сите од Бугарија, да ги запишат своите средби во регистарот за среќавање лобисти, нагласувајќи дека еден од нив имал запишано само три.
Со тоа Вајц практично возврати на нивните обвинувања дека имал тајни и заткулисни средби со „надворешни фактори“, односно со македонски преставници и дека тие влијаеле на ставовите во извештајот, а пред сѐ на амандманите со кои се бара признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет.
Во основа, Вајц одговори на притисоците на бугарските преставници да се одложи расправата за извештајот за РС Македонија за 24 јуни, нешто што не се случува во врска со нашата држава за првпат во ЕП, дотаму што имало и ситуација извештај воопшто да не се усвои.
На почетокот на расправата на Комитетот за надворешни работи во ЕП, Вајц нагласи дека имало интензивна дебата околу извештајот, дека тој стои целосно зад неговата содржина и дека неговата улога е да се осврне на состојбите во РС Македонија – а не да го решава спорот меѓу РС Македонија и Бугарија, иако сепак нагласи дека билатералните односи и третманот на малцинствата се европски прашања.
Двајца парламентарци надвор од бугарскиот состав застанаа силно зад Вајс и неговата работа, а Санчез Амор од групата на социјалдемократите порача дека извештајот е одличен и дека жали за гадната, полна со обвинувања и со инсинуации кампања која не е нормална за ЕП и дека била креирана само за да се добие одлагање на извештајот. Тој побара да не се создава преседан така што ќе се овозможи надворешни фактори да создаваат ситуации во ЕП, мислејки на Бугарија.
Друг европарламентарец, Романецот Дан Барна од групата Обнова, ја осуди кампањата против Вајц и рече дека не ја заслужува, но бугарските европарламентарци ликуваа од епилогот, а Ивајло Валчев од Има таков народ го нарече одлагањето на расправата за извештајот „мудра, одговорна и навремена одлука“. Станислав Стојанов пак од Преродба побара истрага во ЕП околу „нерегуларностите“ што ги откриле околу пишувањето на извештајот.
Подготвено од М.Д.