_mickoski_

11.06.2025 Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека најголем дел од европратениците, пред сѐ оние кои се залагаат за вистинските европски вредности, му дале шанса на Предлог-извештајот за земјава, чие гласање Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 4 јуни беше одложени за 24 овој месец. Доколку не биде изгласан и тогаш, нагласи Мицкоски, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека не станува збор за внесување на неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест во Уставот, туку дека проблемот се посебниот македонски идентитет и македонски јазик.

„Тоа е суштината, тоа е проблемот, се останато нема никаква врска со реалноста“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје.

На предлог на известувачот Томас Вајц, АФЕТ на 4 јуни го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 24 јуни, со образложение дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни“, порача Вајц минатата недела.

Мицкоски денеска истакна дека извештајот во неколку наврати се споменува посебниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, а претходната влада велеше дека тоа е формалност, но последните случувања во Европскиот парламент и реакциите на бугарските европратеници покажале дека тоа не е случај.

„Навидум тоа требало да е формалност, барем така нѐ убедуваше владата на СДСМ и ДУИ, така нѐ убедуваа Ковачевски, Маричиќ, Бујар Османи. Но, видовме дека за одредени европарламентарци, посебно за европарламентарците кои доаѓаат од исток и тоа било проблем, па пред македонскиот идентитет и јазик, додаваат едно зборче ‘презент, сегашно’, значи сепак македонскиот идентитет и македонскиот јазик биле проблем“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека високи политичари од Бугарија се обраќале до високи политичари од Брисел за да го спречат извештајот, со образложение дека сакаат да се избегне дополнително незадоволството кај нив, поради процесот околу прифаќањето на еврото.

Во однос на заканите кон Вајц, тој посочи дека со него се видел еднаш кога известувачот дошол во Владата, заедно со група европратеници, меѓу кои имало и двајца бугарски, но нагласи немале тет-а-тет средба, туку дискутирале во еден поширок формат. Сепак, додаде Мицкоски, „наше легитимно право како Влада е да одиме во светот и да се бориме за нашите аргументи“.

„Наше право е и ќе продолжиме да се бориме. Можеби сме малоубројни, но имаме срце и ќе се браниме“, додаде Мицкоски.

Подготвено од М.Д.

About Author