hrvatska

09.06.2025 Скопје

Британски таблоид пишува за тоа како бројот на туристи во Хрватска нагло се намалил поради големото зголемување на цените, без да го поткрепи ова тврдење со конкретни податоци, но напоменувајќи дека главната причина за овој пад е големиот скок на цените.

Таблоидот пишува дека „со години, балканската земја е омилена дестинација за туристи од Германија, Австрија, Чешка и Италија, кои биле привлечени од пониските цени“.

Сепак, истакнуваат тие, во последните три години цените на туристичките услуги во Хрватска се зголемиле за дури 50 отсто, што ја прави Хрватска поскапа од нејзините два најголеми туристички конкуренти – Шпанија и Грција, каде што трошоците се зголемиле само за 15-20 проценти во истиот период.

Иако текстот не дава никакви конкретни илустрации за тоа тврдење, авторот проценува дека главната причина за зголемувањето на цените лежи во растечките оперативни трошоци во угостителската индустрија, што довело до стагнација на бројот на ноќевања и пад на туристичката потрошувачка.

Единствената бројка што се споменува во текстот е намалувањето на приходите од туризам од минатата година за 0,7 отсто во споредба со претходната година.

Како главен аргумент за своите тврдења, авторот ги наведува индивидуалните корисници од Tripadvisor, па така еден Норвежанец вели дека цените скокнале два до три пати за две години.

„​​Хрватска беше нашиот прв избор за летен одмор, но сега за жал сè стана прескапо. Не знам дали ќе се вратиме. Жал ми е што Хрватска се развива во овој правец“, вели неименуваниот Норвежанец.

Но, ова не се единствените објави со поплаки за цените на хрватското крајбрежје.

Последниве години се повеќе граѓани револтирано коментираат на социјалните мрежи дека цените во оваа земја нагло скокнаа откако Хрватска е префрли на користење на еврото како официјална валута.

Но, она што зачудува во поновите објави се цените од 1.000 евра за изнајмување лежалки.

Затоа дела од посетителите имаа и зајадливи коментари од типот „Добредојдовте на Ибица“ со фотографија од ценовник на плажа во Сплит, каде цените за лежалка варираат од 35 до неверојатни 1.300 евра.

„Додека има овци, ќе има и стрижење“, стои во еден од коментарите кои ја отсликуваат фрустрацијата. Многумина веќе размислуваат да го заменат Јадранот со Грција, Турција или Црна Гора, каде цените сè уште нудат повеќе за вложеното.

Според податоците од платформата Numbeo, Сплит е поскап од познатите европски дестинации како Ибица, барем кога станува збор за угостителските и туристичките услуги. И тоа уште пред официјалниот почеток на сезоната.

Ова лето, велат експертите, ќе биде тест за тоа колку туристите се подготвени да платат за адријатското искуство. Додека цените се качуваат, довербата и задоволството се чини дека одминуваат.

Хрватскиот туризам, одамна препознатлив по природната убавина и гостопримството, ризикува да стане симбол на претераност и алчност. Прашањето што сè почесто се поставува е – дали Јадранот останува дестинација за сите, или станува луксуз резервиран за малкумина?

Подготвено од М.Д.

About Author