
04.06.2025 Скопје
Доналд Трамп потпиша наредба со која ги удвои царините за челик и алуминиум од 25% на 50%, што стапи во сила денеска. Тој вторпат ги зголеми царините за увоз на металите од март и кажа дека тоа ќе ја обезбеди иднината на американската индустрија за челик.
Сепак, критичарите велат дека заштитата може да предизвика хаос кај производителите на челик надвор од САД, да ги принуди трговските партнери на одмазднички мерки и да ги зголеми цените за американските корисници на металите.
„Никој нема да може да го заобиколи тоа. Стапката од 50 отсто значи дека никој нема да може да ја украде вашата индустрија“, кажа Трамп за новите царини.
Исклучок од новата наредба на Трамп е Велика Британија, за која царините остануваат 25%.
Америка е најголемиот увозник на челик во светот по Европска Унија и најголемиот дел го добива од Канада, Мексико, Бразил и Јужна Кореја. Сепак, увозот на челик се намали за 17% во април во однос на март и компаниите кои продаваат метали во САД очекуваат новата објава на Трамп да доведе до уште поголем пад.
Подготвено од М.Д.