
12.06.2025 Скопје
САД се подготвуваат за делумна евакуација на својата амбасада во Багдад поради зголемени безбедносни ризици во регионот, потврдија американски и ирачки извори. Според американски официјални лица, се разгледува и можноста за повлекување на семејствата на американски воени лица од Бахреин.
Иако не се прецизира кои се конкретните закани што ја предизвикале ваквата одлука, американски официјални претставници велат дека Државниот секретаријат подготвува организирано повлекување на дипломатскиот персонал, првично преку комерцијални линии, но војската е подготвена да интервенира доколку биде потребно.
Евакуацијата доаѓа во време на засилени тензии меѓу САД и Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е сѐ помалку убеден дека Иран ќе се согласи да го прекине облагородувањето на ураниум, што е клучно барање на Вашингтон во нуклеарните преговори. Во реакција, иранскиот министер за одбрана, Азиз Насирзаде, се закани дека Иран ќе ги нападне американските бази ако преговорите пропаднат.
Ирачкото Министерство за надворешни работи потврди дека станува збор за „делумна евакуација“ поради потенцијални безбедносни закани, додека ирачката влада соопшти дека досега нема забележано индикации што би наложиле таква евакуација.
Покрај Ирак, САД најавија дека ќе повлечат дел од семејствата на воен персонал од Бахреин, додека американската база во Катар продолжува да функционира нормално. Американската амбасада во Кувајт, пак, останува целосно оперативна.
Подготвено од М.Д.