
18.06.2025 Скопје
Односите меѓу РС Македонија и Бугарија повторно влегоа во спирала на недоверба и заострување. Има две причини за тоа – извештајот на Европскиот парламент за РС Македонија, за кој Софија го обвини известувачот Томас Вајц дека бил пристрасен. И второ, пресудата на претседателот на сега згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола. Оваа условна казна затвор за Љупчо Георгиевски Софија ја користи на речиси брутален начин да поентира дека во РС Македонија има омраза кон Бугарите и ним не им се почитуваат човековите права.
Бугарија и официјално фрли сомнеж врз македонското судство кога денеска уште еднаш ја осуди едногодишната условна казна за Георгиевски. против претседателот на поранешниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Додека растат тензиите меѓу двете држави, во вторникот, претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Георг Георгиев го примија битолчанец Љупчо Георгиевски на одвоени средби во Софија.
„Антибугарските изјави на водечките фактори во Република Северна Македонија се апсолутно неприфатливи. Земја која гласно зборува дека ги исполнила сите критериуми за членство во ЕУ спроведува законско гонење врз етничка основа“, рече претседателот Радев.
Тој рече дека имал информации оти се подготвува „ново, уште поапсурдно обвинение против Љупчо Георгиевски“.
Во пресудата од 12 јуни за Љупчо Горгиевски од една година условна казна затвор има услов две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.
Пресудата ја објави лично Горгиевски на Фејсбук страната на културниот клуб „Иван Михајлов“ Битола и наведе: „ Мојата единствена ‘грешка’ е тоа што отворено се идентификувам како Бугарин, што го почитувам случајот со Иван Михајлов… Државата може да изрече казни, но не може да ја гони совеста“.
Подготвено од М.Д.