image-168257

18.06.2025 Скопје

Од повеќе туристички агенции ни потврдија дека според нивното искуство, се намалува бројот на луѓето кои одат на одмор во Грција и носат храна купена од РС Македонија, со цел да заштедат. Велат дека оваа појава не е искоренета целосно, но сега бројот на оние кои носат храна кај јужниот сосед за разлика од пред една деценија е многу помал. Според вработените во агенциите, младите не сакаат додека се на одмор да готват, сакаат да уживаат, а воедно и цените на намирниците кај нас се зголемени и не можат многу да заштедат.

„Некои луѓе си носат храна во Грција. Препоставувам целта им е да заштедат“, велат од туристичка агенција.

Од агенција велат дека оние кои се сместуваат во апартмани носат малку храна со себе за на одмор.

„Ако туристите одат во хотелско сместување секако дека не носат храна, ако е приватно сместување, носат храна, ама индивидуално е. Имаат фрижидери во студијата. Последниве години сѐ помалу се носи. Се намалува тој тренд. Цените и кај нас скокнаа и затоа во Лидл во Грција си купуваат храна“, додаваат од туристичката агенција.

Од туристичката агенција велат дека само 10 отсто од младите кои патуваат во Грција се интересираат дали имаат кујна во сместувањето, со какви елементи е истата, за да можат да понесат намирници и да готват.

„Од моето лично искуство, има голем интерес за Грција, но младите генерално не ги интересира готвење.  Младите веројатно јадат во рестораните. Само 10 отсто,  многу мал број од младите прашуваат за кујната и не е како порано. Порано сите одеа со полни возила, таму ништо не купуваа, а сега бројот се намалува. Цените таму и тука се скоро исти, тоа е многу мала разлика за што не се исплати да се носи храна. Тие што земаат храна со себе, носат паштети, макарони, а поретки се оние што носат супи. Сега пак си носат лежалки, крпи и чадори, оти се скапи во Грција. Однапред си прашуваат и пресметуваат колку ќе потрошат и бидејќи им е скапо, си носат од тука“, велат од туристичка агенција.

Ги прашавме и граѓаните што мислат за оваа тема и какви се нивните искуства. Оние кои носат храна во Грција, велат дека обично земаат тестенини.

„Носам тоа што јадам, макарони, супи. Оваа сезона е поскапо, а и во денешно време сите така правиме, гледаме да заштедиме“, рече една пензионерка.
Друга жена која во минатото носела храна, денес истото не го практикува.

„Порано носев храна, а сега не. Носевме зеленчук, месо во мини фрижидерчиња, aма ова беше многу одамна. Тоа го правевме за првиот ден додека да се снајдеме, да си имаме за оброци. Тогаш немаше толку хотели, одевме во приватно сместување и храната ја носевме за првиот ден да си имаме“.

Друга помлада девојка вели дека и српските туристи како и македонските на одмор во Грција носат храна.

„Лани бев во Грција со моите. Ние таму си купувавме храна. Имам сретнато туристи кои носат наши производи, земаат нешто што не може да се расипе или ставаат храна во оние мини фрижидерчиња“.

Секоја година кога ќе дојде периодот за одмори, кај нас, па и во регионот се користи терминот „домат туризам“, нешто што навредува дел од населението. Инаку, има и рестрикции на граница, така што кај јужниот сосед не можат да се внесат одредени производи, посебно ако се надвор од ЕУ.

Подготвено од М.Д.

About Author