
13.06.2025 Скопје
САД се уште се надеваат дека ќе остварат преговори со Иран оваа недела, и покрај тоа што Израел започна обемен напад врз Исламската република, рече висок американски претставник.
“Се уште имаме намера да имаме разговори во недела”, изјави американски дипломат за медиумите во САД, барајќи да остане анонимен.
Претставникот не даде понатамошни информации за тоа дали Иран се согласил да учествува во преговорите.
Оман претходно ги закажа овие разговори за недела, на кои требаше да присуствува Стив Виткоф, близок соработник на претседателот Доналд Трамп и преговарач со меѓународно искуство.
Министерството за надворешни работи на Иран денес објави дека САД се “одговорни за последиците” од нападот. Иран претходно се закани дека ќе ги нападне американските бази доколку дојде до вооружен судир.
Израел, кој е зависен од дипломатската и воената помош од САД, го изврши нападот и покрај претходната изјава на Трамп дека сака да остави простор за дипломатија.
Државниот секретар Марко Рубио претходно изјави дека САД не се инволвирани во нападот и го предупреди Иран да не одговара против американските сили распоредени низ арапскиот свет.
Подготвено од М.Д.