26.06.2025 Скопје
Од денес, Соединетите Американски Држави ја продолжуваат мерката за национална вонредна состојба во однос на Западен Балкан за уште една година, откако првично беше воведена во 2001 година. Соодветната извршна наредба е потпишана од претседателот Доналд Трамп и официјално објавена во регистарот на САД.
Во документот се наведува дека националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Држави се доведени во ризик од активности на поединци кои учествуваат, помагаат или поттикнуваат екстремистичко насилство во Република Северна Македонија и на други локации во Западен Балкан, како и со попречување на имплементацијата на Дејтонскиот договор или прекршување на Резолуција 1244 на Советот за безбедност при ОН.
Вонредната состојба за Западен Балкан беше воведена на 26 јуни 2001 година за време на мандатот на тогашниот претседател Џорџ В. Буш.
Пред оваа одлука, и поранешниот претседател Џо Бајден на 8 јануари потпиша извршна наредба, продолжувајќи ја истата вонредна состојба до 26 јуни оваа година, непосредно пред инаугурацијата на новиот претседател Трамп.
Подготвено од М.Д.