
16.06.2025 Скопје
Родители на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ денеска до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани ќе достават писмено барање за детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка, што ја соопшти минатата недела државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Ние не сме правници и не го разбравме обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во „Пулс“, поради што бараме Основното јавно обвинителство да ни ги објасни резултатите од истражната постапка, порачаа родителите на починатите во пожарот на деветтиот „Марш на ангелите“ што се одржа завчера во Кочани.
Родителите посочија дека од суштинско значење е ОЈО во Кочани целосно да ги запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можат, како што рекоа, да ги отстранат сите дилеми коишто се јавуваат кај нив во врска со спроведената постапка.
Од Јавното обвинителство вчера посочија дека стојат на располагање и најавија дека доколку семејствата имаат такво барање во следните денови ќе организираат средба на која ќе ги информираат за сите аспекти од поднесеното обвинение без да ја нaруши натамошната постапка. Воедно, наведоа од ЈО, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во обвинителството добија и директен контакт и им беше посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката.
Со обвинението што беше поднесено на 13. месецов до Основниот суд во Кочани се опфатени 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На сите физички и правни лица обвинети за пожарот на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, им се ставаат на товар – тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.
Подготвено од М.Д.